Македонија

Со видео-докази продолжи судењето на таткото на Јованов – одбраната ги оспорува доказите

Со видео-докази продолжи судењето на таткото на Јованов – одбраната ги оспорува доказите

Со сослушување на сведок и изведување видео-докази од системот „Безбеден град“, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов. Одбраната повторно оспори дека постојат директни докази оти обвинетиот му го доверил возилото на својот син и оцени дека Обвинителството било недоволно подготвено при презентацијата на доказите.

На рочиштето сведочеше пријателка на Васил Јованов, која изјави дека ретко се возела со него и дека никогаш не разговарале за тоа дали автомобилот му бил даден од татко му, ниту дека користел возило без возачка дозвола, освен што, како што наведе, знаела дека еднаш бил казнет.

Судот изведе три видео-снимки, за кои одбраната приговори дека не може со сигурност да се утврдат идентитетот на лицето, управувањето со возилото ниту нивната релевантност, нагласувајќи дека системот не овозможува препознавање лица.

Судот оцени дека доказите ќе бидат вреднувани во завршната фаза од постапката. Судењето продолжува во рамки на предметот поврзан со сообраќајната несреќа од јануари 2025 година, во која загина пешакот Фросина Кулакова.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни