Собранието вечерва со 64 гласа “за” ги разреши министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика.
На стартот на седницата беа констатирани оставките на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за животна средина Садула Дураку и на министерот без ресор Зоран Шапуриќ.
Денешната расправа беше “жестока” за предложената реконструкција на Владата, особено гласни беа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата оцени дека станува збор за погрешни кадровски решенија бидејќи се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри во Владата кои не покажале резултати. Пратениците од опозицијата побараа оставка од Заев и формирање на техничка влада.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека требало да биде разрешен и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи поради тоа што не успеал да ги координира активностите за државата минатата година да добие датум за преговори со ЕУ. Милошоски рече дека очекува разрешување на министерот за образование Адеми и дека Дураку не требало да биде прераспределен туку разрешен.