На 22. седница, Собранието го усвои Буџетот за 2025 година со 69 гласа „за“ и 5 „против“. Вкупните приходи се планирани на 358,8 милијарди денари, а расходите на 400,2 милијарди денари, со дефицит од 41,35 милијарди денари (4% од БДП). Проектираниот економски раст е 3,7%.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека Буџетот се базира на реални претпоставки и обезбедува непречено функционирање на институциите и редовно сервисирање на обврските, како и поттикнување на значаен инвестициски циклус.
Со 74 гласа „за“, Собранието ја усвои и одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници. Оваа одлука се однесува на финансирање на наследени обврски од претходната власт, со реалоцирање на 9,3 милијарди денари. Дел од средствата се распределуваат за пензиското осигурување, социјална политика, земјоделство, здравство, и други области.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, нагласи дека целта на оваа прераспределба е подобро управување со јавните финансии и намалување на обврските на буџетските корисници.