Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат нови правила за регулирање на оваа област, поголем надзор и дополнителни механизми за заштита на граѓаните.
Новото законско решение, според предлагачите, има за цел намалување на сивата економија, спречување на финансиски злоупотреби и создавање потранспарентни услови за работа на приредувачите на игри на среќа.
Со законот се воведуваат низа новини, меѓу кои и регулирање на подарувањата (giveaway), за кои ќе биде потребно издавање дозвола и плаќање соодветна давачка.
Дополнително, се предвидува дека приредувањето на лотариски игри на среќа, електронски и интернет игри на среќа ќе биде право на државата, кое ќе се реализира преку трговско друштво во државна сопственост.
Една од клучните новини е воведувањето критериуми за интегритет и соодветност за лицата кои управуваат со компании што поседуваат лиценци, во согласност со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансиски злоупотреби.
Законот воведува и построги правила за рекламирање. Се забранува поставување агресивни и светлечки реклами на надворешниот дел од објектите, како и промоции кои создаваат впечаток дека игрите на среќа се начин за финансиски успех.
Посебен акцент е ставен на заштитата на младите. Со новите правила се воведува ограничување деловните простории за одредени приредувачи да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.
Во насока на подобар надзор, секој автомат за игри на среќа, VLT и терминал за електронски игри ќе мора да има GPS-систем поврзан со Управата за јавни приходи, со цел да се следи нивната локација и да се спречи нелегално работење.
Со новиот закон се менуваат и условите за добивање повеќе лиценци, при што се воведуваат дополнителни финансиски критериуми за поголема одговорност на приредувачите.
Предвидено е и продолжување на финансиската поддршка за ранливите категории, преку средства обезбедени од приредувањето игри на среќа, кои ќе се насочуваат кон инвалидски организации, здруженија за борба против семејното насилство и Црвениот крст.
Со измените се прошируваат и можностите за одземање лиценци и се зголемуваат глобите за прекршувања, со цел поефикасно санкционирање на незаконското работење.
Според образложението, новиот закон треба да обезбеди современ систем со поголема контрола, транспарентност и усогласување со европските и меѓународните стандарди.