Со 88 гласа, без ниту еден против, Собранието на Република Северна Македонија ги донесе измените и дополнувањата на Законот за Служба во Армијата, напиша министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
„Им честитам на сите 6713 припадници на Армијата кои секојдневно се на бедемот на одбраната на татковината. За Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, човечкиот капитал е клучната алка во синџирот, а инвестирањето во кадарот е најважниот фактор за одржување на современа и високо професионална Армија.
Благодарност до Независниот синдикат на одбраната, Синдикатот на одбраната и безбедноста, Независниот синдикат на професионалните војници на Македонија, Независниот синдикат на професионални војници – СО и Иницијативниот одбор на армиските пензионери, за нивните предлози и сугестии кои ги дадоа во текот на интензивниот дијалог во насока на подобрување на измените и дополнувањата на Законот со цел унапредување на правата и статусот на припадниците на Армијата.
Благодарност и до пратениците во Собранието, од власта и опозицијата, што гласаа за ова законско решение, кое значајно ќе ги подобри правата на нашите армиски припадници.
Со овој Закон има само победници, а нема поразени, добиваме сите“, пишува Петровска.
Законот предвидува низа револуционерни придобивки за припадниците на Армијата зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2000 денари, стекнување со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста, нова пресметка за активен воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата, во висина од 80% од најповолните 10 години од пензискиот стаж, можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1000 евра за секоја година помината во служба, професионалните војници стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата.
За активниот воен и цивилен персонал се предвидува исплата на боледување во висина од 100 % од основната плата и додатоци на плата, се воведуваат поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата, се регулира областа на професионалност, непристрасност и законитост во вршењето на должностите во Армијата и во Министерството за одбрана, на политички неутрален начин.
„Законот предвидува дека во Армијата нема место за партиска политика. Нашите припадници на Армијата ова го заслужуваат“, пишува Петровска.
