Сојузот на синдикатите на Македонија: СЕКОЈ ШТО РАБОТЕЛ ВО НЕДЕЛА ИМА ПРАВО НА ДОДАТОК ОД НАЈМАЛКУ 50% ДО 100%

Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат и национален социјален партнер во државата беше иницијатор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата и затоа нагласуваме дека недела конечно е ден на неделен одмор и е реалност колку и тоа на одредени работодавачи да не им се допаѓа.
Работникот од дејностите кои се во исклучоците согласно Законот за работните односи, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.
Правото на додаток на плата се однесува на секој работник без оглед дали истиот работи во смени (турнус), работи прекувремена работа, работи на ден на неделен одмор, работи ноќе и др.
Додатоците, меѓусебно не се исклучуваат.
Tрговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, освен за мал дел на исклучоци и таму додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.