СОЛИДАРНОСТ ОД КОЧАНИ ДО ШВАЈЦАРИЈА: Иницијативата родена од пепелта на трагедијата нуди помош за жртвите во Кранс-Монтана

Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ упати писмо со сочувство и понуда за конкретна помош до Амбасадата на Швајцарија во Скопје, по повод катастрофалниот пожар во ски-центарот Кранс-Монтана. Повикувајќи се на сопственото болно искуство од трагедијата во Кочани во 2025 година, здружението се понуди да го сподели своето знаење за менаџирање со кризи.

​Во писмото адресирано до амбасадорот Кристоф Сомер, од иницијативата изразуваат длабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во пожарот во барот „Le Constellation“.

Се вчитува...

​Искуство стекнато преку трагедија

​„Support Kocani“ потсетува дека и самите произлегле од слична трагедија – пожарот во дискотека во Кочани на 16 март 2025 година.

Тогаш, во соработка со локалната заедница и институциите, тие развиле и имплементирале централизиран систем за:

  • ​Прибирање и регистрација на податоци;
  • ​Менаџирање на информации за засегнатите поединци и семејства;
  • ​Транспарентна и координирана дистрибуција на хуманитарна помош, медицински ресурси и психосоцијална поддршка.

​Нудат „know-how“ за кризен менаџмент

​Врз основа на ова искуство, здружението сега на Швајцарската Конфедерација ѝ ја нуди својата експертиза во структурирано управување со информации и координирана испорака на помош.

​„Во дух на солидарност и взаемна помош, иницијативата со почит ја изразува својата подготвеност да сподели релевантно искуство и да обезбеди консултации доколку тоа се смета за вредно во справувањето со последиците од трагичниот инцидент во Кранс-Монтана“, стои во дописот до амбасадата.