Солунскиот суд го ослободи Аце Циганот од екстрадиција кон Македонија

Солунскиот суд одлучи дека македонскиот државјанин Аце Боцевски, познат како Аце Циганот, нема да биде екстрадиран во Македонија, со образложение дека пресудата за убиството од 1997 година е застарена според грчкото законодавство. Одлуката вклучува и укинување на мерката притвор, објави грчката агенција АНА-МПА.

Боцевски, кој денес има 60 години, беше уапсен во мај годинава во Катерини, каде што живеел подолг период. Тој бил осуден на 15 години затвор поради убиството на 37-годишниот Сеат Ибраими во ноември 1997 година, но веднаш по пуштањето од притвор избегал во Грција.

Според документите од македонското обвинителство, Боцевски намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото да ги види оштетувањата, била застрелана. Судењето се одржало една година подоцна, но осудениот веќе не бил достапен за издржување на казната.

Пред Солунскиот суд, Боцевски тврдел дека бегството било поради политички притисоци, наведувајќи дека работел во обезбедувањето на тогашниот претседател Киро Глигоров и дека се чувствувал загрозено. Во меѓувреме, во Грција изградил нов живот и води бизнис со изнајмување соби во областа Пиерија.

Грчките судии го одбиле барањето за екстрадиција, образложувајќи дека казната е изречена пред повеќе од две децении и дека, според грчкото законодавство, делото е застарено.