Сомнежи за подметнат пожар кај Глажња: екипите на терен се борат да го стават под контрола

Екипите на подрачната единица на „Македонски шуми“ и денеска се на терен и се обидуваат да го локализираат пожарот што избувна вчера кај акумулацијата Глажња во општина Липково, информираа надлежните од претпријатието.

Заменик-директорот Кире Михаилов изјави дека пожарот бил пријавен околу пладне, по што веднаш интервенирале екипи од претпријатието и Територијалната противпожарна единица Куманово.

Според него, постојат индиции дека пожарот е подметнат.

„Пожарот зафати две страни од широк прооден пат, што укажува дека е намерно подметнат на двете страни. Не постои реална можност огнот природно да се префрли од едната на другата страна“, изјави Михаилов.

Тој изрази сомнеж дека пожарот е поврзан со неодамнешната акција на претпријатието за одземање нелегално исечени дрва во регионот.

Михаилов нагласи дека благодарение на брзата интервенција, пожарот засега е под контрола и нема сериозна опасност да се прошири кон повисоките, непристапни терени.

„Мора да вложиме максимални напори во текот на денот целосно да го ставиме под контрола, особено долниот дел што е зафатен“, додаде тој.

Пожарот зафатил ниска деградирана шума. Од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово информираа дека Полициската станица Матејче го пријавила пожарот, кој првично се ширел во три правци – кон селата Думановце, Гошинце и Брест.

Постоела опасност огнот да зафати и фарми во реонот, но засега ситуацијата е под контрола. Екипите остануваат на терен и во текот на денешниот ден со цел целосно гаснење на пожарот.