Денеска не очекува претежно сончево време со мала до умерена облачност, а во северните делови постои можност за повремен локален дожд, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува умерен до засилен ветер – во западните делови од западен, а долж Повардарието и во источниот регион од северен правец со удари над 60 километри на час. Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 11 и 19 степени, а максималните дневни ќе достигнат од 29 до дури 38 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде слично – сончево со мала до умерена облачност. Попладне се можни повремени врнежи од дожд во одделни делови од котлината. Ќе дува засилен северен ветер. Температурите во главниот град ќе се движат од 19 до 35 степени.
Од утре, со продор на посвежа воздушна маса од север, се очекува значителен пад на дневните температури – од 8 до 10 степени. В петок ќе се задржи посвежо време со услови за изолирани нестабилности, пороен дожд и грмежи.
Според УХМР, од сабота следува стабилизација на времето. Претежно сончево со мала до умерена облачност, а температурите ќе бидат во постепен пораст.