СООБРАЌАЕН ХАОС ВЕЧЕРВА: Карпа падна на автопатот Скопје-Велес, Црна Река отсече патишта во Крушевско

Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва излезе со итно соопштение за серија проблеми на патната мрежа низ државата. Одрони, поплави и сообраќајни несреќи го отежнуваат, а на одредени места и целосно го блокираат движењето.

Драма кај тунелот „Бадар“

Најфреквентниот патен правец, автопатот Скопје – Велес, е делумно блокиран. Во 17:35 часот пријавено е дека по тунелот „Бадар“ се случил голем одрон на карпа. Според МВР, карпата ги има зафатено двете коловозни ленти.

„Сообраќајот не е во целосен застој, но се одвива отежнато. На лице место има полициски службеници и екипа од ’Македонија пат’ кои работат на расчистување“, информираат од полицијата.

Се вчитува...

Црна Река го отсече селото Бучин

Обилните врнежи предизвикаа излевање на Црна Река кај крушевското село Бучин. Од 18:05 часот во целосен прекин се локалните патни правци кои го поврзуваат ова село со околината:

  • с. Бучин – Демир Хисар;
  • с. Бучин – с. Обршани;
  • с. Бучин – с. Трноци.

Забрани за камиони и затворени патишта

Полицијата информира и за други ограничувања:

  • Струга – Ќафасан: Од 18:15 часот воведена е забрана за движење на тешки товарни возила (камиони) кон граничниот премин.
  • Пробиштип – Леговец: Овој патен правец од 18:30 часот е целосно затворен за сообраќај во двата правци поради сообраќајна незгода и вршење на полициски увид.

Од МВР апелираат до граѓаните за максимална внимателност, почитување на сообраќајната сигнализација и задолжително поседување на зимска опрема, со оглед на лошите временски услови.