Сопственоста на домот и натаму е доминантен модел на живеење во Европската Унија, но најновите податоци на Евростат покажуваат постепени промени во станбените навики, особено во поголемите и економски посилни земји. Иако повеќе од две третини од населението во ЕУ живее во сопствен дом, уделот на лица кои изнајмуваат станови бележи благ, но континуиран раст.
Според податоците за 2024 година, 68 проценти од жителите во домаќинствата на ЕУ поседувале сопствен дом, што претставува мало намалување во однос на 2023 година, кога тој удел изнесувал 69 проценти. Во исто време, 32 проценти од населението живеело во изнајмени станови, што е зголемување во споредба со претходната година.
Највисока стапка на сопственост на дом е регистрирана во источниот дел на Унијата. Романија предничи со 94 проценти од населението кое живее во сопствен имот, по што следуваат Словачка со 93 проценти и Унгарија со 92 проценти. Овие податоци укажуваат на силно вкоренета традиција на сопствено домување, често поврзана со историски, социјални и економски фактори.
Од друга страна, Германија е единствената земја во ЕУ каде што доминира изнајмувањето, при што 53 проценти од населението живее под кирија. Висок удел на закупци е забележан и во Австрија (46 проценти) и Данска (39 проценти), што се поврзува со развиени пазари за изнајмување, долгорочна станбена политика и поголема мобилност на работната сила.
За Македонија и земјите од регионот, последните достапни податоци на Евростат се од 2023 година и покажуваат значително повисок степен на сопственост на домот во споредба со просекот на ЕУ. Во Албанија, 95,5 проценти од населението живее во сопствен дом, следуваат Хрватска со 91,2 проценти, Србија со 89,9 проценти, Северна Македонија со 87,1 проценти, Бугарија со 86,1 проценти, додека Грција има најнизок удел во регионот со 69,6 проценти.
Кога станува збор за живеење под кирија, Грција повторно се издвојува со највисок процент – 30,4 проценти од населението. Потоа следуваат Бугарија со 13,9 проценти, Северна Македонија со 12,9 проценти, Србија со 10,1 проценти, Хрватска со 8,8 проценти и Албанија со 4,5 проценти.
Податоците укажуваат дека, и покрај постепените промени во Европската Унија, сопственото домување останува доминантен модел во Македонија и регионот, што го одразува специфичниот социоекономски контекст и пристапот кон станбеното прашање.
