За неполн месец, сопственикот на дискотеката „Пулс“ од Кочани, Дејан Јованов – Деко, ќе излезе од притвор и понатамошниот дел од судската постапка ќе го следи од слобода, објави „Телма“.
Од Кривичниот суд – Скопје за „Телма“ потврдиле дека последното продолжување на мерката притвор за Јованов е до 3 октомври 2026 година. Причината е законскиот рок според кој притворот може да трае најмногу една година од денот на оценката на обвинителниот акт.
„Ве известуваме дека, мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот“, изјавиле од Основниот кривичен суд – Скопје за „Телма“.
Од Судот додаваат дека по истекот на законскиот рок за притвор, по службена должност ќе бидат определени дополнителни мерки за претпазливост со цел да се обезбеди непречено присуство на обвинетиот во понатамошниот тек на постапката.
Јованов беше приведен по пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година, во кој животот го загубија 63 лица. На 23 март му беше определен притвор.
Судењето против Јованов и уште 33 обвинети започна во ноември минатата година и сè уште трае. Станува збор за еден од најобемните судски процеси поврзани со трагичниот пожар.
Во предметот е обвинет и неговиот брат Тодор Јованов, кому му беше укинат куќниот притвор откако обезбеди гаранција во недвижен имот во вредност од околу 320.000 евра. Обвинет е и синот на Дејан Јованов, за кого се определени мерки на претпазливост.
Дејан Јованов во повеќе наврати бараше укинување на притворот, повикувајќи се на влошена здравствена состојба, но неговите барања не беа прифатени. Притворот му беше определен поради опасност од бегство.
Во меѓувреме, Судот прифатил гаранции за повеќе обвинети кои претходно биле во куќен притвор, меѓу кои Јане Јанчевски, Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев, Стојанчо Димитриев и Беким Хаџиу. Од Судот посочуваат дека за нив се определени алтернативни мерки и дека редовно се појавуваат на судските рочишта.