Скопскиот кривичен суд изрече условна затворска казна за Александар Николчев и Маја Караманова – лицата кои ја нападнаа новинарската екипа на телевизијата Алсат. Двајцата претходно ја прифатија вината и се согласија со сите обвинувања и правни квалификации изнесени од Обвинителството.
Инцидентот се случи на 9 јули, за време на големиот пожар на дивата депонија во скопско Визбегово, кога телевизиската екипа била на терен да известува за загадувањето на воздухот.
„Маја Караманова и Александар Николчев се прогласени за виновни и им се изречени три години условна казна затвор, односно условна казна од 1 година и три месеци. Осудените се должни да ги почитуваат мерките, во спротивно условната казна ќе се спроведе како ефективна казна“, се наведува во пресудата на Скопскиот кривичен суд.