На најсложената делница од автопатот Кичево – Охрид, во близина на селото Ботун, започна примената на специјална инженерска методологија за стабилизација на земјиштето. Со помош на оваа технологија, под површината се гради цврста бетонска конструкција која треба да ја обезбеди основата на автопатот, информираа денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, за време на нивниот увид на терен.
Според Николоски, станува збор за терен со исклучително нестабилна, т.н. „црна графитна земја“, дополнително оптоварена со подземни води, што ја прави оваа делница најтешкиот инженерски предизвик на целиот проект.
Подземни бетонски столбови и соработка со светски стручњаци
За совладување на овој проблем, уште во 2024 година биле ангажирани домашни професори и експерти од Градежниот институт Македонија (ГИМ), кои во соработка со меѓународни научници и со тимот на кинеската компанија „Синохидро“ го изработиле ова техничко решение.
На теренот се ангажирани машини тешки над 130 тони кои копаат на длабочина од 20 до 28 метри (соодветно на висина на зграда од 7 до 11 ката). Во ископите се поставуваат арматурни кафези со тежина од 30 тони кои се полнат со бетон, а меѓусебно се поврзуваат со цевки и челични јажиња.
Оваа методологија ќе се примени на вкупно 250 позиции по должината на целиот автопат, од кои дури 163 локации се токму на подрачјето на Ботун, а дел од нив кај Кнежино, Кичевско.
Најавено пуштање на тунелите кај Пресека и нови 10 километри
Министерот Николоски извести дека од вкупната должина на автопатот од 57 километри, досега се изградени 37, а 34 километри веќе се во функција.
Во следните два месеци се очекува ставање во употреба на делницата од Подвис до Врбјани, заедно со тунелите кај Пресека – најдолгите тунели во државата (со должини од 2,1 и 1,9 километри), со што вкупната функционална должина ќе достигне 47 километри.
Николоски изрази уверување дека доколку нема екстремни временски непогоди, целиот автопат Кичево – Охрид ќе биде завршен и пуштен во употреба со соодветна употребна дозвола во првата половина на следната година.
Одговор на реакциите на еколошките здруженија
На прашањата во врска со забелешките на еколошките здруженија за можни штети врз гео- и биодиверзитетот и поморот на риби во сливното подрачје на реката Треска, Николоски демантираше каква било поврзаност со градежните работи, нагласувајќи дека трасата на автопатот воопшто не засега и не е поврзана со изворите на Треска.