Патникот на летот на „Рајанер“, кого по пукањето на прозорецот на височина од околу шест илјади метри за малку ќе го извлечеше вакуумот од авионот, тврди дека авиокомпанијата како единствена компензација му понудила нов авионски билет. Љубиша Каровиќ, 61-годишен државјанин на Србија, ангажирал адвокат и бара отштета од ирската авиокомпанија, пишува „Телеграф“.
Драматичен лет над Грција
Инцидентот се случил пред две недели, на утрински лет од Грција кон Германија. Каровиќ спиел кога прозорецот покрај неговото седиште експлодирал, а поради наглата разлика во воздушниот притисок делумно бил извлечен надвор од авионот. Тој вели дека во изминатите две недели никој од „Рајанер“ лично не го контактирал.
„Добивме само електронски пораки на името на мојот син, кој ги резервираше билетите. Не прашаа дали сакаме нов лет и како сум, но никој од компанијата не ме контактираше директно, ниту пак се јавија по телефон за да покажат каква било грижа“, изјавил Каровиќ.
Од сигурна смрт го спасиле неговата сопруга Светлана и останатите патници, кои во паника го држеле за нозете. Неговата сопруга тврди дека членовите на екипажот не презеле ништо додека тие се бореле да му го спасат животот.
„Изгледаа поисплашени од нас. Помогнаа само патниците, тие беа храбри“, додала таа.
Каровиќ во инцидентот на 10 јули се здобил со тешки изгореници од триење, како и со модринки на десната рака и градниот кош. Сведоци од летот FR1879 од Солун до Меминген велат дека висел од авионот во дијагонална положба. Самиот Каровиќ не се сеќава на ништо бидејќи веднаш ја изгубил свеста.
„Сето ова е како кошмар. Не можам да спијам. Штом ги затворам очите, го слушам звукот на експлозијата и во главата ми настанува хаос“, рекол тој.
Истрага и тужба
По инцидентот и падот на притисокот во кабината, пилотот го спуштил авионот на побезбедна височина, а патниците и екипажот ставиле кислородни маски. Откако Каровиќ бил извлечен назад во авионот, бил преместен на друго седиште. Авионот „Боинг 737“ се вратил во Солун, каде што го чекала итната медицинска помош.
Брачниот пар сега го застапува грчкиот адвокат Василис Циарас, кој најави дека ќе бара значителна отштета.
„Мојот клиент се врати од работ на смртта и сакаме да обезбедиме одговорните да сносат последици. Не станува збор само за пари, туку и за утврдување на вистината за тоа што се случило и во каква состојба бил авионот“, изјавил Циарас.
Адвокатот изразил и сериозни сомнежи за реакцијата на екипажот.
„Тие беа парализирани од страв дека авионот ќе се урне и затоа не направија ништо за да му помогнат на господинот Каровиќ додека висеше надвор од леталото“, тврди тој.
„Рајанер“: Екипажот заврши одлична работа
Инцидентот го истражува американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), кој веќе го прегледал авионот. Нацрт-извештајот се очекува да биде објавен за околу 28 дена. Од „Рајанер“ соопштија дека нема да даваат изјави додека трае истрагата.
Сепак, финансискиот директор на групацијата „Рајанер“, Нил Сорахан, даде кратка изјава.
„Нашиот тим за корисничка поддршка е во постојан контакт со семејството уште од самиот инцидент. Екипажот заврши врвна работа и безбедно го врати авионот во Солун. Сите патници, без исклучок, самостојно го напуштија авионот. Кабинскиот екипаж и пилотите си ја завршија работата одлично“, изјавил Сорахан.
Тој додаде дека компанијата ја поздравува истрагата на NTSB.
„Тие ќе спроведат целосна и независна истрага, во која целосно соработуваме. Нашите луѓе на терен активно помагаат во тој процес“, заклучил Сорахан.