Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, при што беше нагласено дека односите меѓу двете земји се базираат на пријателство, доверба и континуирана поддршка.
На почетокот на разговорите, Сиљановска-Давкова изрази сочувство за жртвите од вчерашниот инцидент во училиште во Турција, посакувајќи им побрзо закрепнување на повредените. Таа истакна дека Турција во повеќе наврати покажала солидарност со Македонија, особено во тешки моменти.
Во разговорите беше потенцирана и присутноста на турските институции и компании во земјата, вклучително и ТИКА, која има реализирано над илјада проекти, како и образовните и културните институции и компании кои делуваат во повеќе сектори.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста од потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, што треба да овозможи поорганизирана и поинтензивна билатерална соработка, како и одржување на прва меѓувладина седница.
Сиљановска-Давкова ја поздрави и иницијативата за Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како значаен чекор кон зајакнување на регионалниот дијалог и стабилност.
Воедно, таа се заблагодари за поддршката што Турција ја дава во модернизацијата на македонската Армија, додека двајцата соговорници се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите.
Како можност за унапредување на економската соработка беше посочен и најавениот бизнис-форум во Турција.
На средбата се разговараше и за положбата на турската заедница во земјата, при што беше истакната потребата од правична застапеност и подобрување на условите во одредени образовни институции.
Двајцата претседатели изразија уверување дека постојните предизвици ќе бидат надминати, а Сиљановска-Давкова упати покана до Ердоган за официјална посета на земјата.
Претседателката престојува во Турција по повод учеството на Дипломатски форум во Анталија.
