Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на маргините на Конференцијата на глобалната коалиција за борба против ИСИС, оствари средба со заменик-помошникот секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот при американскиот Стејт департмент, Брандон Јодер. Тема на разговорот беше борбата против корупцијата и поддршката од САД во областа на владеењето на правото, што претставува еден од приоритетите во рамките на Стратешкиот дијалог.
Министерот Муцунски ја изрази својата благодарност за постојаната поддршка на демократските процеси во земјата и ја поздрави одлуката на американската влада за зголемување на фондовите за меѓународна контрола на наркотици, со особен акцент на програмите за граѓанска безбедност и владеење на правото.
Во текот на разговорите, беше нагласена потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на земјата, при што САД ја реафирмираа својата силна поддршка за членството на Македонија во ЕУ. Исто така, беше потврдена одличната соработка во рамките на НАТО, како и заедничката поддршка за Украина.