Средношколци во блокада од градови низ Србија објавија најавa за протест на 1 септември под слоганот „Средношколци паметат – сите сме под настрешницата“.
Имено, на првиот училишен ден, како што дознава Nova.rs, матурантите, со поддршка од родителите, дел од наставниците, но и студентите во блокада, ќе одржат комеморативно марширање по повод 10 месеци од падот на настрешницата, а во некои училишта од директорите побарале тој ден да биде ненаставен, односно неработен за сите, освен за прием на новите ученици – првачињата.
Оваа година, за жал, 1 септември не е само прв училишен ден, туку на тој ден се одбележува и 10 месеци од падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, која усмрти 16 лица, меѓу нив и две деца.
Иако учениците од основните и средните училишта се подготвуваат за враќање во клупите, јавноста изминатите денови ги следеше и најавите на социјалните мрежи, објавени од средношколците во блокада од повеќе градови низ Србија, а кои, според сè, може да го доведат во прашање почетокот на учебната година.
Во Деветтата белградска гимназија, како што дознава Nova.rs, учениците испратиле мејл до директорката, во кој бараат првиот училишен ден да биде ненаставен за сите освен за новите ученици, односно првачињата што штотуку се запишале во средно, но, според нивните зборови, одговор од управата сè уште не пристигнал. Инаку, за тој ден е планирано комеморативно марширање во знак на сеќавање на загинатите во падот на настрешницата во Нови Сад. Сепак, деталниот план на маршот, како и времето, сè уште не се објавени.
„На 1 септември сите средношколци во блокада организираат комеморативен марш за да покажеме дека паметиме сè што се случуваше и дека сè уште решително стоиме зад студентите. Сакавме да покажеме дека нашиот глас сè уште се слуша иако излеговме од блокадата, но се бориме со сите сили правдата да излезе на виделина. Бараме 1 септември да биде ненаставен за сите, освен за првачињата кои имаат прием. Во текот на оваа недела ќе одржиме состанок на кој ќе одлучиме за завршните детали за комеморативниот марш, но и за наредните протести и како ќе функционираат. За сè ќе ја известиме јавноста пред почетокот на учебната година за да успееме во што поголем број да ја организираме оваа шетња, која не е само наша“, вели за Nova.rs Ена Гроканиќ, матурантка од Шестата белградска гимназија.
Поддршка од студентите во блокада
Студентите во блокада се решени да ги поддржат средношколците, но, како што велат, сè уште не се официјално информирани за протестот.
„Меѓу студентите сè уште официјално не се зборувало за тоа бидејќи нема детални информации. Секако ќе ги поддржиме, дали формално или неформално, тоа воопшто не е важно“, вели за Nova.rs студент од ПМФ во Нови Сад.
Учениците од средните училишта ќе добијат поддршка од студентите во блокада, како и од поголемиот дел од наставниците.
„Очекуваме да координираат со нас, но сè уште немаме официјални информации. Штом дознаеме за терминот на маршот и местото на собирање, ќе се одѕвиеме“, велат студентите во блокада од ФПН на Универзитетот во Белград.
Наставниците за протестот слушнале, како што велат, „од децата“.
„Сите слушнавме од децата дека планираат некаков марш за 1 септември, но ништо сè уште не е дефинитивно. Нам третаците минатата година ни беа сериозни играчи, па очекуваме сега да имаат и сериозни планови за оваа учебна година. Учениците се многу упатени во сè што се случува во општеството, а јасно им е дека не сме се откажале од основната замисла и целта која нè водеше досега“, вели наставничка од една гимназија во Белград.
Објавата за протестот, односно маршот, кој е планиран за 1 септември, се појави на официјалните профили на повеќе средни училишта во блокада, меѓу кои Петтата белградска гимназија, но и Првата, Третата, Четвртата, Деветтата, Десеттата, Четиринаесеттата, Математичката, Филолошката, потоа и Ваљевската и други.
