Средновековен замок од Швајцарија се најде на продажба. Тој ќе биде понуден на аукција на 7-ми октомври, а понуди ќе се примаат од цел свет.
Се работи за „Шато ле роз“, градба која е стара околу 800 години.
Замокот нуди уникатен поглед на селото Бурсин, сместено меѓу Женева и Лозана, но и кон алпскиот врв Мон Блан и езерото Леман.
Овој замок поседува 10 спални соби и осум бањи, а неговата површина е 2.656 квадратни метри.
Во трпезаријата може да се примат до 60 гости, а истата има готски камин, под од теракота и други мотиви и украси.
За љубителите на вино пак, имотот нуди и 4,5 хектари лозови насади, како и винарска визба.
Има и многу простор за одмор и релаксација, како што се приватна „турска бања“, базен, маси за масажа и лежалки за сончање.
