Премиерот во оставка и претседател на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ изјави денеска дека новиот мандатоносител веројатно ќе состави влада до 18 април, но дека сепак има мала шанса да се организираат избори, пренесе БТА според информациите на регионалната телевизија Н1.
Во изјава за телевизија „Прва“, Вучевиќ рече дека мандатоносителот ќе има тешка задача да собере кабинет и да подготви експозе во рок од седум до десет дена.
„Сметам дека сме многу поблиску до изборот на нова влада, но не можам да ја исклучам можноста да се одржат избори. Ако не постигнеме договор, ако мандатоносителот не успее да состави влада, оставам мала резерва дека оваа опција е можно. Ако новиот мандатоносител ми се обрати за совет, ќе му кажам да засука ракави и да влезе во целата ситуација со доза оптимизам“, изјави Вучевиќ.
Вчера, по консултациите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за нов премиер на Србија, тој нагласи дека коалицијата околу СНС смета дека нема потреба од нови избори и дека ќе предложи двајца кандидати за мандатоносител.
Во Србија продолжуваат протестите и студентските блокади, при што првото барање е преземање на казнена и политичка одговорност од властите за смртта на 16 лица при урнувањето на бетонската козирка на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Последните парламентарни избори во Србија беа обележани со бројни обвинувања за изборни манипулации на владата.