Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати посериозен апел до сите работодавачи за итно почитување на мерките за заштита на работниците во услови на екстремно високи температури кои ја зафатија државата и се најавуваат до 7 август.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за „Слободен печат“ предупредува дека моменталните законски рамки овозможуваат злоупотреби и бара измена на регулативата со точно дефинирани температурни граници за работа на отворено.
ССМ со барање: Препораките да станат законска обврска
Трендафилов истакнува дека препораките што ги издава Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) немаат задолжителна правна сила, што честопати ги остава работниците незаштитени на терен:
„Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови кои нема да го загрозат здравјето на работниците. Но, тоа сепак се само препораки кои не се законска обврска. Бараме во регулативата точно да се наведе над кои температури – и на плус и на минус – не смее да се работи на отворено. Ова е наше долгогодишно барање и нема да отстапиме од него“, изјави Трендафилов.
Синдикатот алармира дека проценката на ризик по сектори, која законски ја обврзува секоја компанија, во практиката речиси никој не ја спроведува. Од ССМ бараат:
- Редуцирање или целосен прекин на работата на отворено во најтоплиот дел од денот;
- Посебна заштита за возрасните, хронично болните и бремените работнички;
- Обезбедување соодветни заштитни средства и услови за престој.
Препораки од ИЈЗ: Алармантен пик на температурите до 7 август
Институтот за јавно здравје упати насоки за превенција и хидратација, нагласувајќи дека најризичен период за изложеност на сонце е од 11:00 до 17:00 часот:
- Редовна хидратација: Течности (првенствено вода) треба да се пијат континуирано, без да се чека чувство на жед, кое е веќе ран знак за дехидратација.
- Правило за работниците на отворено: При интензивна физичка работа се препорачува внесување на 200–250 ml вода на секои 15–20 минути.
- Ограничувања: Да се избегнува алкохол и засладени пијалаци, додека кафето и чајот треба да се консумираат умерено.