Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска треба да одлучи за следните чекори што ќе ги преземе по одлуката на Владата за зголемување на минималната плата. Во вторникот, Владата ја усвои информацијата за зголемување на минималната плата за 1.800 денари нето, согласно законските критериуми. Претседателството на синдикатот ќе одржи седница на која ќе се разгледаат понатамошните активности.
ССМ ја оспорува одлуката на Владата, тврдејќи дека не е донесена согласно Законот за минимална плата. Според член 4, став 5 од Законот, висината на минималната плата во бруто износ треба да ја објави министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет (ЕСС). Од синдикатот нагласуваат дека седница на ЕСС не била одржана, што го доведува во прашање легитимитетот на одлуката.
За одржување на седница на ЕСС, прво мора да заседава Комисијата за репрезентативност, која треба да ја потврди репрезентативноста на ССМ, бидејќи истата истекла минатата година. Оваа седница се очекува да се одржи денеска, со учество на претставници од трите социјални партнери.
Од ССМ нагласуваат дека ова е првпат од 2012 година, кога е воведена минималната плата, Владата самостојно да донесе одлука, без консултација со сите социјални партнери.
„Првпат Владата сама си донесе одлука за минималната плата без учество на работниците. Нашето барање останува непроменето и не отстапуваме од него,“ изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Од Владата тврдат дека одлуката е донесена согласно Законот за минимална плата и дека износот е пресметан според утврдените критериуми.
„Имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој стапува во сила наредниот месец. Зголемувањето од 2.200 денари е законски определено и институциите имаат доволно време да го пресметаат,“ изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Минималната плата е одредена врз основа на податоци од Државниот завод за статистика, комбинирајќи 50% од просечната плата во претходната година и 50% од индексот на трошоците на живот.
ССМ бара минималната плата да се зголеми за 6.000 денари, имајќи го предвид растот на трошоците за живот. Предлагаат разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да биде субвенционирана од Владата во траење од една година.
Поддршка за ова барање изрази и Европската конфедерација на синдикати, чиј претставници на 14 март беа во Скопје. Тие посочија дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот.