Следната недела, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе започне со блокади, а се уште останува можноста за организирање 24-часовен генерален штрајк, доколку не дојде до зголемување на платите. Оттаму упатија јавен повик до Владата да дојдат во понеделник во зградата на ССМ и да го потпишат колективниот договор со кој платите би се зголемиле веќе од февруари.
„Го повикуваме претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој платите на вработените ќе се зголемат за 40 проценти, а минималната плата ќе достигне 600 евра од февруари 2026 година, наместо во 2028 година. Ако не дојдат, ќе преземеме соодветни чекори“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на вчерашната прес-конференција.
Трендафилов се заблагодари на сите работници кои учествуваа на протестот што се одржа во средата, особено на оние кои биле изложени на притисок да не излезат. Тој како примери ги посочи Македонска пошта, каде заменик генерален директор повикувал вработените да не излегуваат на протест, и Тутунскиот комбинат Прилеп, каде извршниот директор ги повикувал работниците да потпишат пристапници во Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСС). ССМ најави дека ќе побара надзор од Државниот инспекторат за труд за да се утврди како е постапено со овие случаи.
Претседателот на ССМ истакна дека е жалосно што Конфедерацијата на слободни синдикати, пред одржувањето на протестот, излезе со став дека нема потреба од радикални мерки бидејќи платите се зголемени за 20 проценти.
„Ако само еден член добил зголемување од 20 проценти, тоа не е доволно. Терминот „слободни“ очигледно е заробен“, рече Трендафилов.
ССМ најави дека блокадите ќе започнат со влезовите на Скопје, со прво целна точка Собранието, појаснувајќи дека тие се реакција на тоа што законот за зголемување на платите бил блокиран цела година.
„Пратениците ќе мора да дојдат пешки или со јавен превоз, како што тоа го прават работниците на работа“, истакна Трендафилов.
Одлуката за генерален штрајк ќе ги заштити сите работници кои нема да ги извршуваат своите обврски, а ќе се обезбедат само нужните услуги во здравството и безбедноста, како што било практикувано и во 2020 година.
„Останатите ќе имаат полно право да излезат на улица и да го покажат својот став кон работодавачите, бизнис елитите и функционерите“, додаде тој.
Протестот на ССМ беше организиран поради неисполнување на барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на останатите плати за 100 евра, со што синдикатот реагира на растот на минималните трошоци за семејство и секојдневното зголемување на цените на основните прехранбени производи.
