ССМ на протест со барање за минимална плата од 600 евра и плус 100 евра на сите плати

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во 17 часот ќе одржи протест, на кој ќе го повтори барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за 100 евра. Според најавите, на протестот ќе им се приклучат синдикатите од повеќе сектори, меѓу кои образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата и полицијата. Маршот ќе почне пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во отворено писмо упатено во неделата порача дека протестот е реакција на ниските плати и тешката економска состојба на работниците.

Се вчитува...

„28 јануари е денот кога зборуваат работниците! Овој протест е за твојата плата, затоа што не стигнува од први до први. Кој ќе протестира за твојата плата ако не ти? Ако не излезме на улица, значи дека се согласуваме со сиромаштијата“, напиша тој.

Прашањето за минималната плата претходно предизвика реакции и од Владата. Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестот и барањата на ССМ, изјави дека минималната плата законски се зголемува во март.

„Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“, рече Мицкоски.

Говорејќи на истата тема во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Мицкоски рече дека синдикатите одбиле зголемување на платите за 40 проценти во период од четири години, бидејќи, како што кажа, „некој бил политички заробен“. Притоа потсети дека на истиот принцип претходно биле зголемени платите во образованието, здравството, МВР, Одбрана и центрите за социјална работа.

Бизнис-конфедерацијата, пак, смета дека е прифатливо минималната плата да се усогласи во март согласно законот, но предупредува дека секое дополнително зголемување без олеснување на придонесите би било товар за стопанството. Претседателот Миле Бошков истакна дека 98 проценти од македонската економија ја сочинуваат мали компании кои немаат капацитет за големи трошоци.

Во интервју за „360 степени“, Трендафилов изјави дека Македонија е „на дното“ кога станува збор за платите и смета дека зголемување на минималната плата од сегашните 397 на 600 евра не би требало да се смета за претерано. Како аргумент го посочи примерот од соседството, каде владите, според него, ги зголемиле работничките примања токму преку покачување на минималната плата. Трендафилов ја спомена и Албанија, каде државата покрај зголемувањето на минималната плата ги субвенционира и придонесите за другите плати.

Во однос на ставовите од Бизнис-конфедерацијата за покривање на придонесите од државата, Трендафилов посочи дека тоа било тема на разговор со работодавачите минатата година, но и покрај нивната подготвеност да разговараат, не постоеле сигнали дека Владата би се согласила да ги покрие придонесите.

Трендафилов најави дека ако нема резултат од протестите и разговорите, ССМ ќе премине на таргетирани блокади, генерален штрајк и иницијатива за собирање 10.000 потписи за законски измени меѓу кои и за намалување на функционерските плати за 78 до 80 проценти и покачување на работничките.