Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска најави почеток на обемна акција за контрола на сите компании кои имаат лиценца за производство на медицински канабис во државата. Тимови на МВР и инспектори веќе се на терен и го проверуваат работењето на сите 43 лиценцирани субјекти.
Алиу посочи дека досегашните контроли покажуваат сериозни пропусти во работењето на Меѓуресорската комисија за контрола, формирана во 2017 година. „Додека трае оваа прес-конференција, колегите се на терен. Ќе мора да се проверат сите 43 лиценци. Меѓуресорската комисија била креирана во 2017 година, а не најдовме ниту еден извештај од нејзината работа, иако таа е клучна за да имаме увид што се случува со производството на канабис“, изјави Алиу.
Министерот најави дека проверките ќе се спроведат систематски и транспарентно, а резултатите ќе бидат јавно објавени. Акцијата е дел од заложбата на Министерството за здравство да обезбеди целосна контрола и регулација на индустријата за медицински канабис, со цел законитост и безбедност на производството.
