За разлика од минатата недела, денес Стефан Ивановиќ седи во светла и топла соба. Исто така може да ги гледа и омилените серии на телевизија. Тој плати рата за струја од 7 илјади денари, од донацијата која ја доби од хуманите граѓани. Ќе се потруди долгот од 200 илјади денари кој го има направено неговата мајка, а која е почината, да го исплати на рати.
„Голем поздрав до гледачите на ТВ21 и на сите хумани луѓе и фирми во Макеоднија и пошироко кои донираа за мене и кои што и понатаму донираат. Секој кој ќе се потруди да ми помогне на мене тој ќе остане со мене до крајот на животот најголем пријател“, рече Ивановиќ.
Стефан е револтиран што нема одговор од Министерството за труд и социјална политика, но ниту од владата каде барал да има средба со премиерот Зоран Заев.
„Очекувам да ми се јави министерката Мила Царовска….(ѕвони и му спушта)Како што може да видиме нема одзив. Сакам да им кажам што мислат за оваа ситуација во која што сум. ЕВН ме стега за струјата, сега ќе ме стегнат и за водата да ја платам. А јас имам 6 илјади денари примања“, вели Ивановиќ.
31 годишниот Стефан Ивановиќ од Чаир со месеци живееше во темница. Тој засега добива само 6 илјади денари помош од државата. Чека од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да му ја проценат инвалидноста. Поднел и барање за асистенција затоа што има физичка попреченост но од Црвениот Крст му одговориле дека сите 29 асистенти се зафатени.