Во Основниот кривичен суд Скопје денеска сведочеше обвинетиот Стојанче Јовановски, кој во својот исказ изнесе серија обвинувања поврзани со трагедијата од 2 март 2026 година, кога неговата сопруга Ивана заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја скокнала од балкон на шести кат.
Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.
Пред судот, обвинетиот изјави дека односите во бракот првично биле стабилни и дека заеднички купиле стан во 2021 година со помош од неговата мајка. Според него, пресврт се случил во 2022 година, кога, како што рече, пронашол пораки и видеа во телефонот на сопругата.
„На почетокот на бракот односите ни беа нормални, при што живеевме во изнајмен стан. По одреден период мојата мајка Цветанка ни даде пари за учество за да купиме стан. Тоа го направивме во 2021 година, потоа нормални ни беа односите сѐ до 2022 година кога бев во мобилара во Аеродром да и го земам телефонот на сопругата, при што прочитав пораки, видеа, видео клипови од колега од работа“, изјави обвинетиот.
Тој наведе дека подоцна ги следел комуникациите меѓу неговата сопруга и неговиот колега Мартин Саздов, при што разговорите, како што рече, станале „поприватни“. Обвинетиот тврди дека и покрај соочувањето, двајцата негирале и го обвиниле дека е „параноичен“.
Јовановски детално го опиша и настанот од 16 август 2025 година, кога при враќање од свадба, според неговиот исказ, сопругата со нивната ќерка излегла од возилото и заминала по автопатот.
„На 16 август 2025 година бевме на свадба кај моја братучетка во Штип… во тој момент… ми рече „штом така мислиш, сега ќе ја земам и Катја со мене“. Ја отвори задната врата каде што спиеше Катја и ја зема во раце и почна да оди во спротивна насока по автопатот“, рече обвинетиот.
Во понатамошниот исказ, Јовановски тврдеше дека дознал оти неговата сопруга ноќевала кај Саздов, по што почнал да ја следи и ги затекнал заедно. Опиша и инцидент во кој, како што рече, бил нападнат со огнено оружје.
„Мартин извади автоматска пушка калашников го впери кон мене и ми кажа дека ќе ме убие… На левото рамо имам се уште белег од тогаш кога ме удри со цефката“, изјави обвинетиот.
Јовановски се осврна и на настан од декември 2025 година, кога бил приведен поради пронајдена сомнителна материја во неговото возило, што тој го негира.
„Јас негирав дека тоа не е мое и дека не може да биде мое, дека првпат во животот го гледам. Ме приведоа во ПС Карпош“, рече обвинетиот.
Според неговиот исказ, по овој настан сопругата му признала дека под уцена му го дала резервниот клуч од возилото.
„Ми објасни како ми ја подметнале дрогата во возилото… со мојот резервен клуч којшто стои дома, му го дала Ивана на Мартин го отклучил возилото ја ставил дрогата во возилото“, изјави Јовановски.
Говорејќи за денот на трагедијата, обвинетиот рече дека по читање пораки се упатил кон работното место на сопругата, каде ја видел како излегува од возило на Саздов.
„Кога се приближив пред нејзиното работно место ја здогледав Ивана како излегува од колата на Мартин Саздов… Видов дека сѐ е лага и фарса, при што изреволтиран замавнав кон нејзе“, рече обвинетиот.
Во завршниот дел од исказот, Јовановски ги опиша и последните моменти пред трагедијата.
„Се упативме двајцата кон пролазот на зградата кај кафе-барот „Сома” и Мартин почна да вика „Ивана, Ивана, Ивана паднала”… Потоа се јавив во брза помош… После тоа не се сеќавам“, изјави обвинетиот.
Судењето продолжува со изведување на докази и сведочења.
