Македонија

„Стоп за селективната правда“ – демонстрантите бараа правда за Фетах Алими

Се собраа за да побараат слобода за Абдулфетах Алими. Со испишани транспаренти демонстрантите маршираа, барајќи ја, како што рекоа, правдата од која се лишени. Сопругата и синот на Фетах, побараа правда, а не милостина.

„Фетах е многу праведен. Премиерот нека ја обелодени оваа неправда. Нека не ни го уништува семејството непотребно. Го молам премиерот, бараме правда, не милостина“, изјави Нурије Алими – сопруга на Фетах Алими.

„Во името на Иницијативниот одбор, им благодарам на сите Албанци кои чувствуваат дека му се нанесува неправда на еден Албанец и го изразуваат незадоволството заедно со нас. Ви благодарам од срце што нѐ поддржавте и покажавте дека Албанците се праведни, исто како Фетах Алими“, рече Бурим Алими – син на Фетах Алими.

Наиде Јашари, роднина на Алими, вели дека вистинските виновници биле амнестирани, а казнети спасителите.

„Преку овој протест сакаме да допреме до совеста на оние кои се на власт, за неправда која му е нанесена на нашиот брат и син, Абдулфетах Алими. Токму во моментов кога очекувавме Фетах да биде одликуван и награден за неговиот херојски акт што го направи на 27-ми април застанувајќи им во одбрана на пратениците, тој беше осуден исто како насилниците“, додаде Наиде Јашари – роднина на Фетах Алими.

Демонстрантите побараа да им се стави крај на политички монтираните случаи против Албанците.

„Дојдовме да протестираме за неправдата која ни се нанесува. Се повторува истото она од кое страдавме ние, од политичките монтажи, како што беше и во последниот случај со Фетах Алими“, вели еден од демонстрантите.

„Мораме да протестираме, не дека ни е хоби да излегуваме на протести, но сега кога ја видовме ситуацијата и како се постапува кон Албанците, подготвени сме да излегуваме секој ден на протест. Не сме задоволни, единствениот начин да ги потсетиме институциите е протестот“, додава друг демонстрант.

Протестот кој започна од плоштадот „Скендербег“ и заврши пред судската палата во Скопје, беше под надзор на зголемени полициски сили. Протестот помина мирно и без инциденти. На протестот учествуваше Зијадин Села, Арбен Таравари и други функционери.

РЕПОРТЕРКА: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни