Партијата „Македонски Концепт“ покренува иницијатива за носење Резолуција за осуда на комунизмот, проследена со законско решение кое ќе ги забрани комунистичките симболи и идеологија, изедначувајќи ги со нацистичките. Како повод за ова барање ја посочуваат неодамнешната законска регулатива во Полска и Чешка.
Од партијата сметаат дека Македонија треба да го следи европскиот пример на овие земји кои предвидоа затворски казни за промовирање на комунистичка пропаганда.
Прв чекор – Резолуција, втор чекор – Кривичен прогон
„Македонски Концепт“ бара Собранието прво да донесе Резолуција, а веднаш потоа и Закон со кој ќе се пополни правната празнина што, според нив, дозволува глорификација на режим кој вршел репресии.
„Додека Европа ги чисти своите општества од остатоците на тоталитаризмот, кај нас сè уште сведочиме на обиди за рехабилитација на крвавото минато и негова злоупотреба во политички цели“, велат од партијата.
Клучни барања: Удрил врз „црвените барони“
Во соопштението се наведени три клучни барања, меѓу кои и конфискација на имот стекнат преку привилегиите на претходниот систем:
- Криминализација на симболите: Јавната употреба на комунистички симболи, како и говори кои поттикнуваат омраза, да се третираат исто како нацистичката идеологија.
- Забрана за финансирање: Строги санкции за политички субјекти кои промовираат идеи за тоталитарно владеење.
- Историска правда и конфискација: Официјално признавање на злосторствата на комунистичкиот режим и одземање на економските привилегии на т.н. „црвени барони“, кои, според партијата, се стекнати преку режимот и непречено задржани до денес.
Од „Македонски Концепт“ порачуваат дека ова не е напад врз демократијата, туку расчистување со идеологиите што ја гушеле слободната мисла, повикувајќи на „чекорење свесно на десно“ кон нов модел на македонската државност.
