Балкан

Стотици граѓани маршираа во Белград во поддршка на Зоран Кесиќ по тргањето на „24 минути“ од „Нова С“

Стотици граѓани маршираа во Белград во поддршка на Зоран Кесиќ по тргањето на „24 минути“ од „Нова С“

Стотици граѓани синоќа маршираа низ Белград во знак на поддршка за авторите на сатиричната емисија „24 минути“, откако новите сопственици на телевизијата „Нова С“ ја тргнаа од програмата. На собирот во поддршка на Зоран Кесиќ и „Њуз.нет“ повикаа повеќе новинарски здруженија и невладини организации. (Фото: Н1)

Од раководството на „Нова С“ соопштија дека емисијата е симната поради високи трошоци и неуспешен договор меѓу екипата и компанијата што ја поседува телевизијата, која неодамна доби ново раководство. Новата сезона на „24 минути со Зоран Кесиќ“ ќе започне на 19 септември на официјалниот канал на емисијата на Јутјуб.

Зоран Кесиќ оцени дека зад одлуката стојат политички, а не деловни причини. „Одлуката да им останеме верни на идеалите на новинарството нè доведе да бидеме сега на улица со вас. Сè повеќе нè има на улица. Тоа не е добро за оние што се плашат од улица. Ова не е парастос, туку воскресение. Нашиот нов почеток стартува на 19 септември на Јутјуб. Ова е емисија што одбива да умре“, изјави Кесиќ.

Актерката Светлана Бојковиќ рече дека на власта очигледно ѝ е тешко и дека не верува во изборна победа штом се одлучила да го тргне и Кесиќ.

Во политичкиот контекст, на 9 септември претседателот Александар Вучиќ го распушти Народното собрание на Србија и распиша вонредни општи избори за 25 октомври.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни