Странска комисија ќе ги испитува спорните кардиохируршки интервенции

Со цел објективно и стручно да се испитаат сомнежите околу изведувањето на кардиолошки и кардиохируршки интервенции во земјава, Министерството за здравство ангажираше странска комисија составена од тројца меѓународно признати експерти од областа на кардиологијата и кардиохирургијата.

Во составот на комисијата е д-р Уголино Ливи, истакнат кардиохирург од Италија, редовен професор по кардиохирургија на Универзитетот во Удине. Тој има и ангажмани како визитинг професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во Соединетите Американски Држави, а зад себе има богато професионално искуство, особено во областа на трансплантацијата на срце. Д-р Ливи е и член на уредувачки одбори на повеќе европски стручни списанија.

Член на комисијата е и д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со долгогодишно искуство на раководни позиции во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана. Тој е доктор на науки на Универзитетот во Марибор и автор на бројни стручни и научни трудови од областа на кардиоваскуларната хирургија.

Третиот експерт е д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишна практика на одделот за кардиологија, односно во единицата за коронарен третман при Универзитетскиот медицински центар во Љубљана. Тој има и докторат по биомедицински науки на истиот универзитет, а дел од својата истражувачка работа ја реализирал и во престижниот медицински центар „Cedars-Sinai“ во Лос Анџелес, САД, информираа од Министерството за здравство.

Ангажирањето на странската комисија следува откако Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции, во ноември минатата година, утврди дека кај 10 од вкупно 19 анализирани случаи биле извршени непотребни операции или пациентите биле неосновано упатени на оперативни зафати. Ова тогаш го соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Тој информираше и дека од вкупно 25 доставени случаи, за шест комисијата немала надлежност и тие биле препратени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Министерот нагласи дека станува збор за првична анализа и дека за случаите со спорни индикации ќе се спроведе дополнителна постапка заедно со меѓународната комисија.

Формирањето на комисијата уследи откако проф. д-р Сашко Кедев јавно посочи дека во одредени приватни клиники се изведуваат кардиолошки интервенции без јасна медицинска потреба, со цел остварување профит.

Во меѓувреме, академикот Кедев се повлече од членството во Здравствениот совет при Министерството за здравство. Во својата оставка, како клучна причина го наведе застојот во контролните процеси што ги иницирал, а кои се однесувале на случаи каде што на пациенти им биле извршени сложени и скапи интервенции, како стентирање и бајпас операции, иако според медицинските индикации тие не биле неопходни.