Страшна бура ја погоди Европа: Торнадо во Португалија, има загинати

Три лица загинаа, а повеќе десетици беа повредени во Португалија во налетот на торнадото Клаудија, соопштија синоќа португалските власти.

Португалија и делови од соседна Шпанија се соочија со повеќедневни екстремни временски неприлики предизвикани од бурата Клаудија, која овој викенд стигна и до делови од Британија и Ирска, пренесува Ројтерс.

Португалските спасувачи во четвртокот ги пронајдоа телата на постар брачен пар во нивната поплавена куќа во Фернао Феру, недалеку од Лисабон. Се смета дека брачниот пар спиел во моментот кога поплавниот бран стигнал до нивната куќа и не можел да ја напушти поради налетот на водената стихија.

Во саботата торнадо го погоди градот Албуфеира на југот на Португалија, а регионалниот командант на цивилната заштита, Витор Ваз Пинто, потврди дека животот го загубила 85-годишна Британка и дека 28 лица биле повредени во блискиот хотел.

Португалската цивилна заштита денеска издаде портокалово предупредување за округот Брага, како и за областите Фаро, Сетубал и Беја, додека во окрузите Виана до Кастело, Порто, Визеу, Авеиro, Коимбра, Порталегре, Сантaрем и Лисабон е на сила жолт метео-аларм.

Жолто предупредување е на сила и во крајбрежните области на југот на Португалија и во планинските делови на островот Мадеира. Во Велика Британија, силни поплави вчера го погодија градот Монмут и околните подрачја во југоисточниот дел на Велс, каде локалната противпожарна и спасувачка служба спроведува акции за спасување и евакуација на загрозените.

Надлежните служби во Велс издадоа 11 предупредувања за поплави, а во Англија, според последното ажурирање на Агенцијата за животна средина, имало повеќе од 180 предупредувања за поплави.