Студентите сместени во домот „Никола Карев“ во Охрид два дена останаа без струја 

Студентите сместени во домот „Никола Карев“ во Охрид изминатите два дена се соочуваа со прекин на електричната енергија, при што беа приморани да учат и да се движат со свеќи и електрични греалки. Инцидентот беше пријавен преку студентската платформа „Студентарија“, каде беа објавени видеа кои ја покажуваа тешката состојба во домот.

Директорот на студентскиот дом, Жарко Куциноски, изјави за Мета.мк дека проблемот е веќе надминат и дека повторно има струја во објектот. Причината за прекинот биле неплатени сметки за електрична енергија, додека студентите посочуваат дека во минатото вакви прекини немало и дека се топлат со електрични греалки кои самите ги носат од дома, наместо со парно.

„Досега сме се топлеле со греалки кои работат на струја, а истите си ги носиме од дома. Кажано ни е дека парното е скапо, но сметам дека треба да го има“, изјави еден од студентите.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, предупреди дека четири студентски домови имаат големи долгови поради „недомаќинско работење“ на претходните менаџери. Таа најави дека МОН ќе се вклучи во решавањето на проблемот и дека случајот ќе биде расчистен уште денес.

Јаневска нагласи дека е неопходна промена на моделот на финансирање на студентските домови, со цел да се избегнат слични проблеми во иднина, нагласувајќи дека „се работи за студенти“.

„Не е логично студентски дом во Охрид да работи со загуба“, посочи Јаневска, додавајќи дека одговорноста за управувањето со домот мора да се врши посветено и одговорно.