Судењето за Онкологија продолжи – сведоци тврдат дека се барало мито за терапија

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со двајца лекари-онколози е обвинет за несовесно лекување на пациенти.

Пред Судот сведочеа неколку оштетени граѓани и законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за начинот на лекување и терапијата што била спроведувана на Клиниката.

Шестмина сведоци поднесоа најави за оштетени побарувања и се приклучија кон кривичниот прогон, додека еден сведок изјави дека нема да бара оштета.

Еден од сведоците тврдеше дека неговото семејство имало проблем со обезбедување на терапијата, поради што првично барале третман во Турција, но поради високите трошоци се вратиле во земјава. Тој изјави дека за да ја добие секоја доза од терапијата, морал да плати 500 евра мито и дека лекот бил предаван во канцеларијата на Васев.

– Немам документи или докази, затоа што не мислев дека ќе ми бидат потребни, но верувам дека сè е заведено во досиејата – изјави сведокот.

На прашање на одбраната дали случајот бил пријавен, сведокот рече дека не знаел каде би можел тоа да го направи.

Друг сведок сведочеше дека нејзината мајка, која била лекувана на Онкологија, не покажала подобрување од дадената терапија. Според сведокот, самата пациентка се сомневала во лекувањето пред да почине.

Бранителот на обвинетата Симонида Црвенкова, адвокат Владимир Туфегчиќ, реагираше дека дел од исказите се „конструирани во контекст на обвинението“, тврдејќи дека медицинската документација покажува дека пациентката имала галопирачки карцином.

Една сведок изјави дека давала пари од благодарност, без барање од страна на докторката Црвенкова, но дека подоцна се чувствувала изреволтирана поради случувањата.

На ова реагираше самата Симонида Црвенкова, која нагласи дека никогаш не побарала или примила пари за нејзината работа:

– Целиот мој живот го посветив на образување и на грижата за пациентите. Никогаш не сум побарала ниту примила средства – рече таа во Судот.

Адвокатот на Васев, Дељо Кадиев, се пожали дека обвинителството доставило записници само од одредени сведоци, со што, според него, одбраната е ставена во нерамноправна положба.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска.

Покрај Васев, обвинети се и лекарите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Постапката претходно се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која ја призна вината и доби условна казна од две години затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени кривични дела „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти наводно биле применети неподобни терапии, со погрешно дозирање и без адекватна проценка на здравствената состојба.

Покрај тоа, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката се води уште еден предмет за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета на државниот буџет проценета на над 2,2 милијарди денари.