Главната расправа против 13 полициски службеници, обвинети за тешки дела против општата сигурност поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, која требаше да се одржи денеска, се одложи за 20 април. Одложувањето е по барање на бранителот на дел од обвинетите, Кире Богатинов и Кристина Николова, кој истовремено имал обврска во друг притворски предмет со приоритет во Основниот суд Кочани.
Судијата Фанка Јанчулева-Михаиловска истакна дека преку телефонски контакт со адвокатот било обезбедено присуство на друг бранител за денешното рочиште и е утврдена динамиката за наредните рочишта. Во судницата исто така беа доставени повеќе листи на докази, по што судијката апелираше поднесоците да се доставуваат навремено за да се избегне пролонгирање на постапката.
Судијата реагираше и на аргументацијата на предлогот за одлагање, во кој било наведено дека „она што се обидува Јавното обвинителство да го направи во оваа судница е недозволиво, нудејќи две теории на случај за еден ист настан со исти фатални последици“. Таа посочи дека е потребен внимателен избор на речникот во поднесоците и настапите на одбраната.
Друг бранител предложи спојување на оваа постапка со главното судење за „Пулс“, кое вклучува 35 обвинети, меѓу кои управители, градоначалници и вработени во Министерството за економија.
Случајот го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Обвинетите се Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Предметот се однесува на пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.