На денешното рочиште за случајот со кочанската трагедија сведочеше градежен вештак предложен од сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов. По неговиот исказ и реакциите во судницата, судењето беше одложено на барање на обвинителството, а наредното рочиште е закажано за 8 октомври.
Во продолжението на судскиот процес за кочанската трагедија, пред судот исказ даде градежен вештак предложен од одбраната на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов. Според неговото сведочење, објектот имал „три влеза и три излези“, а поседувал и елаборат за противпожарна заштита.
Вештакот се осврна и на состојбата на кровната конструкција на објектот, оценувајќи дека пожарот не предизвикал поголема штета во тој дел. „Во однос на кровната конструкција при увидот на лице место може да се каже дека истата не претрпела колапс, останала во состојба на статична стабилност. Има одредени собирања нормално кај челикот при високи температури“, изјави вештакот. Тој додаде дека конструкцијата била изведена „од челични носачи, дрво и дрвени елементи“ и дека „кровната конструкција одговорила на својата намена и останала во стабилна состојба“.
Неговото сведочење предизвика реакции кај родителите, кои во судницата оценија дека ваквиот исказ е некредибилен. Поради нивните реакции, судијката повторно ги опомена дека ќе бидат отстранети од судницата доколку го нарушуваат редот.
Еден од ставовите изнесени од родителите беше дека во постапката се слушаат „споредби, различни толкувања и аргументи кои повеќе создаваат дилеми отколку што даваат јасни одговори“. Тие порачаа дека за нив е неприфатливо, како што наведоа, кога „се зборува за трагедија во која изгубивме шеесет и три животи, очекуваме конкретни и јасни одговори, а не конструкции и дополнителни толкувања со кои се замаглува суштината“.
Судскиот процес продолжува со распит на сведоците на одбраната. Сепак, денешното рочиште за случајот „Пулс“ беше прекинато и одложено на барање на обвинителството. Како причина беше наведено дека им е потребно повеќе време за подготовка за вкрстеното испрашување.
Наредното рочиште е закажано за 8 октомври, кога се очекува постапката да продолжи со следните искази и прашања на странките во процесот.