Судијата Ферати не можел да изрече построга казна за прегазувањето на Теодора Ристовска

Судскиот совет го објави наодот од работната група во врска со предметот против Менсур Пајазити, кој беше осуден на две години затвор за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска. Според извештајот, судијата Ељведин Ферати не можел да изрече построга казна поради ограничувањата од член 428 од Законот за кривична постапка, кој забранува влошување на пресудата ако жалбата е изјавена само во корист на обвинетиот.

„Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и кривичната санкција“, се наведува во соопштението на Советот.

Хронологијата на случајот покажува дека Основното јавно обвинителство Тетово поднело обвинителен предлог за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, со предвидена казна од една до пет години. Првично, Основниот суд Тетово изрече затворска казна од три и пол години. По жалба од обвинетиот, Апелациониот суд Гостивар ја намали казната на две години. Врховниот суд ја укина пресудата и предметот беше вратен на повторно судење, по што, по признание на вина, обвинетиот повторно доби две години затвор.

Подружницата на Здружението на судии при Основен суд Тетово денеска објави соопштение во кое детално ја објаснува постапката. Тие наведуваат дека и судијата Ферати, кој ја донесе последната пресуда, и поранешната судијка Верка Костовска постапувале строго согласно законските норми.

Оваа реакција доаѓа по бурните реакции во јавноста поради „благата“ казна. Премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преиспита одлуката, а сличен апел упати и министерот за правда Игор Филков, кој ја истакна ниската доверба на граѓаните во судството.

Семејството на Теодора, преку отворено писмо, реагираше на ниската казна и долгата судска постапка, изразувајќи благодарност за поддршката од јавноста, медиумите и премиерот. Во писмото се наведува:

„Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира соодветно на оваа скандалозна и срамна одлука. Имаме сомнежи дека зад оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ќе продолжиме да се бориме за правда за Теодора.“

Судијата Ељведин Ферати беше дополнително критикуван и поради сомнежи во неговиот интегритет, откако Државниот просветен инспекторат утврди неправилности во неговите оценки на Тетовскиот универзитет. Според информации од Јавното обвинителство – Скопје, се утврдило дека тој преполагал предмети, што предизвика покренување на предистрага.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното