Судија од Њујорк му дозволи на обвинителот во случајот Алвин Брег јавно да го објави обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
Засега не е јасно кога ќе се случи објавувањето.
Се очекува Трамп да се појави пред судот на Менхетен во вторник. Сето ова доаѓа додека републиканецот се подготвува за реизборен обид да се врати во Белата куќа.
Трамп јасно стави до знаење дека ќе ја продолжи кампањата за реизбор и покрај тужбата против него. Поранешниот претседател беше формално обвинет вчера во врска со истрагата за тоа дека го купил молкот на порно ѕвездата Сторми Даниелс во 2016 година за секс со него.
Така, тој стана првиот поранешен шеф на државата на САД кој беше обвинет за извршување криминални дејствија.
„Не се плашам од она што следува“, рече Трамп денеска во е-пошта до присутните на собирање средства за кампањата.
Конкретните обвиненија против поранешниот претседател се уште не се познати, но според Си-Ен-Ен, против него има повеќе од 30 обвиненија поврзани со бизнис измама.
Сузан Нешелс, една од адвокатите на Трамп, изјави за Ројтерс дека поранешниот претседател нема да се изјасни за виновен.
Друг од неговите адвокати, Џозеф Такопина, рече дека Трамп нема да биде врзан со лисици за време на сослушувањето и најверојатно ќе биде ослободен без да мора да плати кауција.