Судот го продолжи куќниот притвор за Артан Груби

Кривичниот суд одлучи да ја продолжи мерката куќен притвор за Артан Груби, прифаќајќи го барањето на Обвинителството за негово понатамошно обезбедување.

Од Обвинителството информираа дека побарале продолжување на истата мерка, која подразбира 24-часовно полициско обезбедување, а судот ја оценил како оправдана.

Груби, кој по повеќе од 14 месеци бегство се врати во земјава на 23 февруари, не беше спроведен во истражниот затвор во Шутка, туку му беше определен куќен притвор поради посочени безбедносни закани. Тој беше приведен истиот ден на граничниот премин Блаце.

Поранешниот вицепремиер се сомничи за кривично дело „проневера во службата“. Според наводите, заедно со Перпарим Бајрами, поранешен директор на Државна лотарија, нарачале ВЛТ апарати и проневериле 8,2 милиони евра државни средства. Во случајот се наведува дека Груби ја раководел владината седница и го одобрил барањето за набавка и покрај сознанијата дека постапката е незаконска и дека институцијата нема надлежност самостојно да организира електронски игри на среќа.

Груби ја напушти државата во 2024 година, по што по него беше распишана меѓународна потерница. Во меѓувреме, Стејт департмент го стави на црната листа, заедно со судијата Енвер Беџети.