Македонија

Судот го врати Јанакиески во „Шутка“, 30-дневен притвор за осуммина по полициската акција

По вчерашното целосдневно сослушување, судија на претходна постапка одреди 30 дневен притвор за екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, но и за уште седум други лица, меѓу кои Димитар Димовски, вработен во министерството за транспорт и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на партијата во Аеродром. За две осомничени Кривичниот суд определил мерки на претпазливост

Новотворената истрага на обвинителството за организиран криминал се води за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата во период од 2010 до 2018 година.

-Сите четири локации се продадени за изградба на хотелски комплекси и тоа стои на секој од договорите, за тоа се наменети и склучени. Една од локациите е позната како Шпански скали.-рече Ивана Трајчева, обвинителка.

На таа парцела требаше да „никнат“ Шпански скали, во рамките на проектот Скопје 2014. Во 2013 година парцелата ја купила компанијата „Амадеиус девелопмент“ за сума од околу 1,6 милиони евра. Но, сепак во 2015 година, советниците на Град Скопје донеле одлука за ослободување на инвеститорот од 50 отсто од надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на две комерцијални и деловни намени со хотел според Деталниот урбанистички план мал ринг.

За изградбата на Шпанските скали, но и продажбата на земјиштето има и аудио „бомба“.

-ГРУЕВСКИ: Да те прашам. Со ова сега што ни остана, скалите на плоштад. Има две опции. Едната е да го пуштиме сега со ниската висина, со старата верзија, да го купи некој, па после да бара да се зголеми, ако тоа е можно. Втората е да чекаме да видиме овој Андреј како ќе реагира, ако биде он, а он ќе биде излгеда. Дали ќе ни дозволи зголемување? Што мислиш која да ја тераме?

-ЈАНАКИЕСКИ: Да видиме со Советот што се случува, ако не за првата варијанта сум јас. Во објавата ќе ставиме дека не смее намена да менува.

-ГРУЕВСКИ: Аха, а висина смее.

-ЈАНАКИЕСКИ: Да, и дека ние ќе го одобруваме проектот и после ова со Бети што го прави, ние ќе издадеме одобрениеи така ќе го правиме.

-ГРУЕВСКИ: Не ми се испушта тој проект. Многу јака работа е.

-ЈАНАКИЕСКИ: Видете, нема да не закочи, ќе направиме се, кај нас е власта, не може да не закочи, може да не успори само. Ќе мислиме, ќе смислиме.

-ГРУЕВСКИ: Он сега прво што ќе направи е да му го дадеме земјиштето да го продава. Јас мислам да го држиме максимално што можеме.

Кога стана градоначалник на Центар, Андреј Жерновски не даде дозвола за изградба на Шпански скали, но не можеше да го врати земјиштето во сооптеност на Општината, бидејќи претходната локална власт, како што тој изјави, се откажала од градежното земјиште, а ингеренциите ги преземала централната власт. 

-Она што сега можам да го правам е тоа што не давам одобрение за градба и тоа што во целиот процес наидовме на низа неправилности при добивање на извесна докуентација и согласности, тоа засега не дозволуваме да се гради затоа што сум убеден дека тоа не е во интерес на граѓаните на Општина Центар.-рече Жерновски. 

Груевски повторно се јави преку фејсбук. Тој напиша дека сопственикот на парцелата планирал, како и повеќето други во слична ситуација, земјиштето кое го купил да го заложи во банка за да добие кредит од банка со кој ќе го гради објектот во комбинација со сопствени средства, а подоцна од приходите на бизнисот на хотелот да го враќа кредитот. По победата на СДСМ во општина Центар веќе обезбедил средства, но тогаш наишол на административни пречки од новите власти во општината бидејќи не им се допаѓало што објектот имал историски стил – барок и ги потсетувал на ВМРО, пишува Груевски, додавајќи дека и овој, како и претходните, се монтирани политички случаи од страна на оваа власт.

Инаку, според истрагата, десет лица се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување и еден за несовесно работење во службата направиле штета на Буџетот од 2,6 милиони евра.

РЕПОРТЕР: ЕДИН РАСТОДЕР

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни