Судот не му ја прифати жалбата на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, и тој и натаму ќе остане во притвор. Мијалков поднесе жалба и бараше укинување на притворот за случајот „Империја“, но тројцата судии на кривичниот совет Иван Џолев, Огнен Ставрев и Васка Николова – Масевска ја одбија жалбата.
„Постапувајќи по жалба на одбраната на обвинетиот С.М. изјавена против решението на судија на претходна постапка со кое се прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор во предметот од Обвинителството означен како „Империја“, кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден одржа јавна седница во присуство на странките. По произнезување на странките, како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судијата на претходна постапка на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165, ст. 1, т. 1 од ЗКП“, соопштија од судот.
Мијалков е обвинет во уште четири предмети: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“ и „Титаник 2“.
За случајот „Империја“ притвор добија пет осомничени лица. Во затворот во Шутка се Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески, како и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски.