И покрај тврдењата на обвинетиот Раде Трајковски – Штекли дека има имагинарен учител, дека „во главата му се наоѓаат змии“ и дека го следи албанска мафија и полиција, судечкиот совет одлучи дека тој е психички способен да го следи судењето.
Психијатарката Оливера Суботин Поповска го убедила судот дека Штекли има „шизоидни карактеристики на личноста“, но нема психичко растројство кое би го онеспособило, односно е способен да ги разбира и следи судските постапки.
Судијата истакна дека вештачењето на психијатарот Ѓорге Ангелковски не е контрадикторно со другото, бидејќи и тоа не констатира трајна душевна болест.
Иако судот одлучи дека не е потребно супервештачење, обвинетиот сè уште тврди дека не го разбира обвинението против него. Другите обвинети пак, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.