Африм Чучуљ денеска свечено се закле пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, по изборот за претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Тој беше избран со 82 гласа „за“, по предлог на Комисијата за избори и именувања.
Чучуљ го наследува Татјана Димитровска, која поднесе оставка по обвинението во случајот „Адитив“. Од десетте кандидати кои ги оценуваше Комисијата за селекција, Чучуљ доби највисок број поени.
Во своето обраќање по церемонијата, новиот претседател изјави дека му е чест да ја води институцијата во која работи речиси две децении. „Ќе се залагам за транспарентна работа на ДКСК, а како тим ќе бараме отчетност од сите институции“, нагласи Чучуљ.
Со 19-годишно искуство во Антикорупциската комисија, претходно како генерален секретар на ДКСК, Чучуљ потенцира дека само со интегритет на институциите и носителите на јавни функции може да се придонесе за намалување на корупцијата и подобрување на општеството.
Новиот претседател најави дека ќе работи на дигитализација на процесите и воведување превентивни алатки, како и на подготовка на новата Национална стратегија за борба против корупцијата, која ќе биде поконцизна и поспроведлива. Еден од приоритетите ќе биде зголемување на проактивноста во проверка на имотната состојба на избраните и именуваните лица, согласно препораките на Европската комисија и ГРЕКО.