Сведоштво на Тоше Трендафилов: „Црн чад, жештина и хаос – луѓе се газеа еден врз друг“

Сведокот Тоше Трендафилов во своето сведоштво за пожарот во дискотеката „Пулс“ изјави дека објектот претходно бил реновиран и визуелно изгледал уредно, со отстранети тераси кои порано постоеле над шанкот.

Тој опиша дека во моментите кога настанал пожарот, дел од посетителите почнале да снимаат, но негов пријател го повикал веднаш да излезат. Трендафилов посочи дека првично сакал да се упати кон тоалетите, бидејќи таму се движеле повеќе луѓе, но неговиот пријател Драгољуб инсистирал да излезат преку главната врата.

„Од плафонот се ширеше густ црн чад, беше многу жешко и не се издржуваше“, сведочеше Трендафилов. Тој изјави дека во внатрешноста немало обезбедување, додека надвор имало лица од обезбедувањето кои се обидувале да помогнат.

Кога стигнал до излезот, како што рече, веќе владеел целосен хаос. „Имаше деца едни врз други, пробував да излезам, но не беше можно“, изјави тој, додавајќи дека паднал и бил газен од толпата. Во обид да се заштити од чадот, ја ставил маицата на устата, по што ја изгубил свеста и не се сеќава на наредните моменти.

По излегувањето надвор, Трендафилов наведе дека побарал помош од полицајци, но тие му рекле да се тргне од местото, без да му укажат дополнителна помош. Тој изјави дека знаел за постоење на друг излез од дискотеката, но според негово сознание, тој бил заклучен.

Сведокот посочи дека во дискотеката не забележал противпожарни апарати, а кобната вечер го видел сопственикот Дејан како учествува во гаснењето на пожарот. Наведе дека пиротехнички средства се користеле и претходно, вклучително и таканаречени прскалки.

Како последица од пожарот, Трендафилов претрпел тешки повреди. „Левата рака ми е целосно оперирана, со пресадување кожа. Имав изгореници на ушите и вратот“, изјави тој, додавајќи дека и натаму чувствува болки, има проблеми со спиењето и често му се враќаат трауматичните сеќавања.

„Мирисаше страшно, не можеше да се дише“, заклучи Трендафилов, опишувајќи ја атмосферата кобната вечер.