На глобалниот пазар бакарот достигна историски нивоа — 11.100 долари за тон, а аналитичарите предвидуваат нов скок поради трговската неизвесност меѓу САД и Кина.
Вашингтон ги реактивира старите рудници, Брисел подготвува нова рунда на европски стратешки проекти, а Македонија – земја со потврдени резерви од стотици илјади тони бакар – останува без нови инвестиции и со неизвесен развој на своите потенцијални рударски капацитети.
Прогнозите покажуваат дека побарувачката за бакарот ќе порасне за 24% до 2035 година. Една од причините е се помалиот ископ на бакар од рудниците на глобално ниво. Понатаму се наведува зголемената употреба на бакарот во Азија, особено Индија, за изградбата на центри за податоци поврзани со информатичкта технологија. Дополнително, огромно количество на бакар откупува и Кина која ја модернизира својата електропреносна мрежа.
„За растот на цената да добие понатамошен импулс, ќе треба да видиме и нов силен раст на побарувачката, особено од Кина. Ако Кина ја засили инвестицијата насочена индиректно кон металите, тоа дополнително ќе ја зголеми побарувачката и цените“, вели за Ројтерс аналитичарката на банката ING, Ева Мантеј, додавајќи дека тие обрнуваат засилено внимание на случувањата со бакарот.
Уште една причина за растот на цената на овој метал е зголемената побарувачка од страна на Европската Унија. Брисел цели да ја оствари зелената транзиција, за што е неопходен бакарот, но исто така има зголемена побарувачка и поради војната во Украина. Поради чекорите на Русија, ЕУ одлучи да ја поддржи домашната воена индустрија и според предвидувањата, тоа е дополнителна побарувачка од 30 до 40 илјади тони бакар годишно во наредната деценија.
Ваквиот развој на настаните веќе предизвика САД и ЕУ да го поддржат ископот и да ги олеснат процедурите во рударството за критичните метали како што е бакарот. Дозволите за експлоатација веќе започнаа да се издавааат во рамки на неколку месеци, а Фајненшл Тајмс пишува дека дури четири големи рудници за бакар во Аризона и Мајами се на пат да се рестартираат.
Мајк Хенри, кој ја предводи најголемата рударска група во светот BHP, истакна дека иницијативите на претседателот Доналд Трамп, за да го осигури бакарот независно од Кина, ја навеле компанијата да го зголеми истражувањето во САД и поттикнале преглед на нејзините затворени наоѓалишта во Аризона, срцето на американската индустрија за бакар.
„Позитивниот став кон рударството и итноста за започнување со работа во рударството е многу добредојдена промена. Секторот никогаш не бил толку во центарот на вниманието“, изјавил директорот на рударскиот гигант Мајк Хенри за ФТ.
Неизвесно е дали и Македонија, по примерот на САД и ЕУ, ќе се вклучи во светската потрага по бакар и ќе ја постави рударската индустрија во центарот на вниманието. Веројатно одговорите ќе бидат познати кога би се усвоил новиот Закон за рударство. Во една од последните изјави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновски нагласи дека одговорното рударство може да биде двигател на македонската економија.
„Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците,“ вели министерката Божиновска коментирајќи го новото законско решение.
Од она што е познато е дека источниот дел на Македонија лежи на бакар. Овој податок се истакнува и во нацртот на Стратегијата за минерални суровини на МАНУ, во која експертите се повикуваат на геолошки истражувања. Во моментов ископ на бакар во земјава се врши само во рудниците Бучим и Боров дол, а единствена најавена инвестиција за рудник е во Иловица кој има потенцијал од 700 илјади тони бакар.