Светската здравствена организација соопшти дека земјотреси во Сирија и Турција се најголемата природна катастрофа во последните 100 години

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека минатонеделните разорни земјотреси во Сирија и Турција, во кои загинаа повеќе од 37.000 луѓе, се најголемата природна катастрофа во последните 100 години.

„Сведоци сме на најлошата природна катастрофа во европскиот регион на СЗО во минатиот век и сè уште учиме за нејзините размери“, изјави за новинарите Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Европскиот регион на СЗО се состои од 53 земји вклучувајќи ја и Турција. Сирија е членка на соседниот источен медитерански регион на СЗО.

Клуге рече дека СЗО го започнала најголемото распоредување на тимови за медицинска помош во 75-годишната историја на Европскиот регион на СЗО. „Досега во Турција пристигнаа 22 екипи за итна медицинска помош“, посочи Клуге.

Во Сирија бројот на жртви речиси и не се менува веќе неколку дена, а се очекува нагло да се зголеми.

„Потребите се огромни, тие растат од час во час. На околу 26 милиони луѓе во двете земји им е потребна хуманитарна помош“, рече Клуге.