По повод одбележувањето на 24 март-Светски ден за борба против туберкулозата, министерот за здравство, д-р Венко Филипче се обрати на денешниот настан, во организација на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и националниот координативен механизам за туберкулоза, со поддршка од Министерството за здравство.
-Светскиот ден за борба против туберкулозата го одбележуваме за подигнување на свеста, можностите за превенција и контрола на болеста, која иако може да се излекува, се уште претставува епидемија од поголеми размери во поголемиот дел од светот. Во Република Северна Македонија, туберкулозата е во континуиран пад. Во 2007 година, биле регистрирани 563 заболени лица, додека пак во 2018 година бројката е двојно намалена и вкупно се регистрирани 217 лица со туберкулоза, посочи на денешната прес конференција министерот Филипче.
Министерството за здравство годинава одвои 25 милиони денари за превентивни програми за туберкулоза. Со средства од програмата, заеднички со Институтот за ТБЦ, во моментов набавуваме рендген апарат во висина од околу 4,5 милиони денари, наменет за Институтот, информираше министерот Филипче.
Тој потсети дека од минатата година државата целосно ги финансира програмите за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, при што се издвојува значителен износ на средства во превентивните програми за ХИВ и туберкулоза, како и финансирање на превентивните сервиси за клучни популации, спроведени од невладините организации.