Цените на акциите на глобалните берзи паднаа минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваа од ширење на конфликтот на Блискиот Исток откако Израел го нападна Иран.
На Волстрит, Dow Jones падна за 1,3 проценти минатата недела, на 42.197 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,4 проценти, на 5.976 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,6 проценти, на 19.406 поени.
Се очекува високите царини да ја зголемат инфлацијата во наредните месеци.
На почетокот на неделата, на пазарот владееше добро расположение бидејќи во вторник, по дводневниот состанок во Лондон, претставниците на САД и Кина постигнаа договор за трговија.
„Нашиот договор со Кина е завршен, сè уште е потребно конечно одобрување од претседателот Си и од мене“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој исто така истакна дека Кина ќе ги укине ограничувањата за трговија со ретки метали. „Нашите царини ќе бидат 55 проценти, а царините на Кина ќе бидат 10 проценти“, рече Трамп.
Сепак, ова не предизвика еуфорија на пазарот бидејќи, велат аналитичарите, многу детали за тоа како ќе се спроведе договорот се уште се нејасни.
„Дополнителна неизвесност поради геополитичките тензии“
Покрај тоа, се очекува високите царини да ја поттикнат инфлацијата во наредните месеци. Како резултат на тоа, речиси никој не очекува ФЕД да ги намали каматните стапки на состанокот во јуни, и покрај постојаните повици од Трамп и неговите помошници да го сторат тоа.
Сепак, во петокот пазарите беа потресени од нападот на Израел врз Иран, бидејќи, како што вели израелската влада, сака да ја спречи Исламската Република да развие нуклеарно оружје.
Иран одговори со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел.
Ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари во време на зголемен притисок врз економиите поради агресивната и каприциозна царинска политика на Трамп.
„Геополитичките тензии додадоа дополнителна неизвесност на веќе кревкото расположение“, рече Чару Чанана, стратег во Саксо банка.
Цените на акциите паднаа и на повеќето европски берзи минатата недела. Иако лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,7 проценти на 8.837 поени, франкфуртскиот DAX се лизна за 3,2 проценти на 23.516 поени, а парискиот CAC за 1,5 проценти на 7.684 поени.
