Македонија

СВР Тетово: Внимавајте на пожарите, не ги предизвикувајте намерно, ќе има затворски казни

Со настапувањето на сегашните, значително повисоки температури во споредба пред само една недела, во голема мерка се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари и во Полошкиот регион.Ова, дотолку повеќе што на подрачјето има забележително бујна вегетација и поради тоа неопходна е максимална будност и  одговорно однесување на секој поединец.

                       Секторот за внатрешни работи Тетово  апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња и опушоци.

                       Покрај ова, на оние кои за викендите и воопшто ќе престојуваат на излетничките места во регионот, им се укажува да се воздржат од  палење огнови, кои неизгаснати брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и  материјални и други последици од поголеми размери.Им се советува, исто така, на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар.

                      Зашто, во спротивно, ако случајно или намерно предизвикаат пожар, ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави, кои во крајна истанца предвидуваат и затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

                         Секторот за внатрешни работи Тетово презема координирани превентивни и други мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни